среда, октомври 21, 2009

Пусто поле

Дење: врани и гаврани те затемнуваат
и од сите вишни длабочини те гракаат,
ноќе: од черепите гласот им се одзива.
...

Ноќе: една сенка со друга се венчава
пред мртвите без име и презиме.
...
ти ништо не браниш, јас нема што да бранам,
ти немаш никој, а јас сум без никого,
а кај што нема никој и никој нема ништо.

Петре М. Андреевски
Умирањето на нацијата може да се спореди со чувството на беспомошност на машиновозач кој е соочен со неможноста навреме да запре пред пресудата на самоубиецот на шините. Дали навреме да се напушти овој резерват, е големиот план!? Тоа е нашата погубна национална идеологија. Темата убивање на селото, со децении тајна, својот врв како многуте потиснати идеолошки табуа, го доживеа во 90-тите. Селото изумираше и тоа, како многу нешта во транзицијата стана парола која ја преповторуваат сите и со нејзино изговарање и рамнодушен заклучок се лишуваа себеси од каква било одговорност. Причините за распаѓањето на селото се лоцираа во недостигот на инфраструктура и услови за живеење, резултат на небрижноста на нашите црвени кмери, меѓутоа уште потажно е и што се запусти еден цел универзум и систем на верувања и вредности. Денес човекот не е загрозен само по селата и помалите места, белата чума за која пишуваше Петре, надвиснува над градовите. Запуштени дворови, фасади со избледени бои чии парченца се ронат, архитектонски зданија што се искривуваат, огради и настрешници што опасно се навалуваат, балкончиња што предизвикуваат одрон... нема кој да повика служба да ги одведе на отпад ‘рѓосаните каросерии од колите чии сопственици одамна се починати, во неподносливо морничава тишина лулашките на празните игралишта се нишаат на ветрот без гласовите на децата. Поштарот, кој ги носи пензиите како осамен гласник на надежта, е единствениот пред вратата на оние што не можат да ја отворат, нема деца на нивниот праг. Стануваме стари и немоќни луѓе кои својата мудрост и сведоштво никому не можат да му ги пренесат.

Многумина млади парови кога можат да оформат семејство, одбираат да бидат лажно слободни со искривена претстава за независноста. Францускиот денди писател Фредерик Бегбеде ќе напише: „Самците смрдат! Самците смрдат, зошто немаат жена да им каже да се избањаат. Самецот често може да се препознае по неизбриченоста, по својот вински здив, на неговата смрдлива кошула недостасува горното копче, самецот многу повеќе предизвикува сожалување отколку завист (освен кај оженетите мажи, кои замислуваат дека самците се слободни, но тие всушност се очајни). Самиот Бог знае колку треба да се биде очаен недела навечер да се јаде *хаппѕ меал и да се зјапа во телевизорот...“

Мишел Уелбек, писател и негов пријател по стил, во една од своите книги раскажува за податокот дека во една божиќна ноќ во Франција масовно се самоубиле стотици стари лица од депресијата настаната од грубиот и суров однос на младите болничарки кон нив. И тоа богати старци, со големи кариери зад себе, кои не штедат пари за грижата кон нив, но кои очигледно не можат да си купат љубов, љубезност и наклонетост.

Во нашето општество, мас-медиумите уште одамна почнаа да го слават егоизмот и нарцизмот. Се' повеќе силиконски креатури и рурални мачомени, изјавуваат дека бракот е само непотребен потпис на хартија, дека тие се постојано заљубени, таков лош еуфемизам за промискуитетот и за раскалашеноста.

Кога подлабоко ќе размислам, од сите општествени ангажмани, демографскиот е најсуштествен. Намерно одбегнував да употребувам бројки и статистика, тоа се мерки за мртви нешта. Во зголемување на наталитетот не гледам мегаломански проект за билдање на нацијата. Борбата за поголем наталитет е борба за економски растеж, за работна сила, за свежа крв која ќе ги облагороди опустошените полиња во сите општествени сфери.

Во студиите за наталитет наидов на податок дека и традицијата може да преставува проблем. Денес, јужните католички земји, како Шпанија, Италија и православна Грција се соочени со најслаб наталитет и со голем морталитет. Стручњаците укажуваат дека тоа е поради двојниот товар на кој е подложена жената, и да раѓа, да го одржува семејството, и да работи без помош од мажите. Северозападните земји, како Франција, Германија, Британија подобро се справуваат со проблемот на наталитетот поради заемната поделба на обврските.

Затоа мојот поттик првенствено е упатен до мажите кои мора да покажат поголема цврстина, вистинска мажественост и силна одговорност, наспроти култот на безделничирењето и дробењето дневна политика во кафеаните.

Labels:

Последниот Ѕвончар

Живеев и израснав на улицата на Ѕвончарите во Битола. Со жар во очите ги набљудував овие вешти мајстори како работеа со огнот на својата умешност. Кристално јасно се сеќавам на ѕвонците, прапорците, клопотарците. Постоеја два вида клопотарци - јаниски и солунски и клекачки за маски и за коњ. Во големиот пожар изгореа сите дуќани со старите подрѓосани ќепенци кои некогаш неодоливо чкрипеа. Остана само еден ѕвончар. И покрај тоа што улицата беше во најстрогиот центар на градот во близина на градската општина, таа улица не беше асфалтирана. Таков бескруполозен однос имаа бирократите од социјализмот спрема класните непријатели - занаетчиите. Во 1991 година наполнив шест години, најпосле улицата беше асфалтирана. Веднаш се почувствува свежина, нов живот, гумите на нашите велосипеди „пони“ го мазнеа врелиот асфалт. Останаа старите згради, но некогашните дуќанчиња сега беа бакалници, трговски фирми како и една продавница за чоколада и бонбони, и во темните 90-ти улицата беше преименувана во Гробарска поради неколкуте погребални претпријатија, бизнисот на тоа време.

Конечно последниве години почнува реставрација и конзервација на објектите од културно значење како и заложби за помагање на преостанатите занаетчии со поддршка од меѓународни фондации. Во блиска иднина по влегувањето во ЕУ и НАТО, наездата на капитал и трката по бездушен профит што се очекува да следува, неопходна ќе биде многу храбра граѓанска иницијатива за заштита на културното наследство и за зачувување на душата на градовите. Кога се обидуваме нешто да зачуваме или обновиме во нашата држава тогаш избиваат големи расправии и негодувања за различни приоритети. Предолго се симулираат лажни спротивставености кон есенцијата на македонската историја и култура. Во крволочен лов на политички поени се повикува на идеолошка пресметка на спротивните опции кога се настојува да се форсира историскиот период на чие политичко наследство се легитимира и се повикува, кога се прави обид да се направи неопходен континуитет помеѓу Илинден и НОБ, антиката и словенството.

Несомнено е дека на хоризонт се појавуваат нови генерации млади Македонци на кои не може да им се каже од кој век може да се истражува, каде смеат, а каде не да го утврдуваат своето потекло. Стариот естаблишмент се' уште се обидува да заплашува со предупредувања од загрижената белокоса интелигенцијата. Од својата ретроградност и социјалистичка зачмаеност, полни со стари предрасуди не се лишени ни многу помлади кои ги преповторуваат постмодернистичките максими за инклузивност и толеранција на другиот, но никогаш не поддржуваат рехабилитација на револуционери и дводомни автори. Тоа ме потсетува на драмата „Диво месо“ (1978), лектира за сите генерации, една од најдобрите драми пред 90-тите и барутните театралности полни со претенциозност, квазиурбаност и бладачка авангарда, која по рушењето на Југославија гледаше само апокалични визии. „Диво месо“ е нешто сосема поинакво, универзално битно, каква што мора да биде уметноста, но сепак не го одбегнува битот на поднебјето и одликите на менталитетот.

Денес на јавната сцена владеат слични ликови со филистерски дух со кои би сакал да повлечам неколку паралели. Лик на невиниот Стефан, надежниот бирократ во странска фирма кој не разликува буке, не си го знае родословот, но затоа постојано зборува за Европа, колку е тој уважен, колку е тој прозападно настроен и како поради тоа никој овде не го разбира. Ликот на револуционер-бакалџија задоен со словенски мазохизам, Андреја, и неговите современи карикатури престорени во денешните револуционери-рекетари водени од анимален нагон за ресурсите на државниот буџет и привилегии кои насекаде гледаат фашизам и антиатеистички заговори. И третиот лик, братот Симон, келнерот, кој отсликува голем дел од денешната конформистичка младина на која најголема болка всушност и' претставува отсуството на болка. Стариот ѕидар, паднал од скеле, ги изгубил нозете за да ја направи куќата за своите синови, а тие не само што не го почитуваат и не се подготвени да го доградат својот дом, туку се обидуваат своето наследство да го трампаат за брза европеизација.

Тие не го доведуваат во прашање беспрекорниот патријархален авторитет, како што би рекле денес адвокатите на политичката коректност, туку го негираат и ништат како личност херојот, својот татко.Драмата е комплексна и не трпи прости толкувања, но е една од ретките со порака, која отворено говори за газење на традицијата, која не е апстрактен збир на вредности, туку на конкретни принципи на макотрпниот труд, пожртвуваноста и посветеноста скоро до фанатичност.

Денес ја имаме тешко издвојуваната национална слобода и стоиме пред прагот на европскиот двор, камбаните бијат за нас, не' чекаат битки од поинаков вид. Борба за градење, негување на нашата традиција во согласност со модерното време, докомплетирање на конститутивните делови од историјата, растоварени од каков било идеолошки баласт, и можеби најважното, формирање граѓанска и слободна култура, поставување на исклучителните вештини и доблести на пиадесталот, триумфот на последниот ѕвончар.

Објавено во „Дневник“ 29.06.2009 г.

ul na zvoncarite.JPG
Улица на Ѕвончарите

Labels:

Плодови на земјата

Во „The Conservative Mind: From Burke to Santayana“ (1953) авторот Расел Кирк вели дека есенцијата на конзервативизмот лежи во шест канони: (1) - божествена интенција и лична совест го владеат општеството; (2) традиционалниот живот е полн со разновидност и таинственост, додека повеќето радикални системи се окаректеризирани со стеснување на конвенционалноста; (3) цивилизираното општество бара ред и хиерархија; (4) сопственоста и слободата се неделиво поврзани; (5) човекот мора да ја контролира својата волја и своите апетити, знаејќи притоа дека е воден повеќе од емоција, отколку од разум; и (6) општеството мора да се менува полека.

Четврта година средно. Таа последна година изминуваше во летаргична атмосфера на уморни маратонци, во постојан копнеж за славните матурски денови. И кога не очекувавме дека гимназијата може да не'научи на уште нешто, однекаде се појави нов наставник по предметот историја, Панде Наумовски. Беше многу горд кога раскажуваше за своето потекло од потпелистерското село Брусник, театрално покажувајќи ни ги своите земјоделски дланки, огрубени од креирањето на својата нива на која одгледуваше јаболка. Огледувањето јаболка е моја професија, предавањето ми е повеќе како хоби - ни рече. Панде раскажуваше многу весели анегдоти и брзо стана омилен меѓу учениците. Неговата духовитост веројатно произлегуваше од она што британскиот писател Џ. К. Честертон во „Ortodoxy“ (1908) го нарекува етички систем од 4 принципи: воодушевување на можностите на животот; благодарност за самиот живот; радост во постојаноста; и посветување на воздржувањето.

Историјата не ја предаваше здодевно, туку низ приказни, зачинети со морални поуки придружени со понекое негово искуство од животот, беше роден раскажувач; умееше со тоновите, паузите, гестикулациите да ја долови епохата. Како што стои во одличната книга „Dynamics of World“, на Кристофер Досон (2002) - Есенцијата на историјата не се наоѓа во фактите туку во традицијата.

Мојот наставник умееше високо да ги мотивира учениците со најслаби оценки. Тоа беа ученици на кои никој не им обрнуваше внимание, сите заборавиле дека и тие можат да научат, да бидат корисни за себе. Така, ни демонстрираше што значи тоа давање еднакви можности. Не криеше дека е марксист по струка, но со таа идеологија беше расчистил многу одамна, во манирот на харвардскиот советолог, Ричард Пајпс, кој напиша дека комунизмот не е добра идеја - лошо спроведена, комунизмот е лоша идеја. Во младоста му било дадена обврска да подготви марксистички проект и на него работел цела година. На некој свечен јубилеј, сите заслуги за сработеното си ги препишал некој полуписмен партиски функционер, и тоа било причина за неговиот раскин со марксизмот. Од ударите на животот, ние ги создаваме нашите принципи и верувања.

Така Панде му се вратил на Бог, и ни раскажа за него. Ни одржа лекцијата за местото на религијата во општеството. Ни напомена дека во Швајцарија, каде што тој престојувал извесно време, на првиот час учениците ги учат дека земјата е многу сиромашна и како треба напорно да работат доколку сакаат да преживеат, додека во нашиот образовен систем се проповедаше дека сме многу богати и развиени. Во Швајцарија, има разни цркви, велеше тој, па дури има и црква на сатаната, и секој е слободен да избира, но на првиот час се учи за Библијата.

Еднаш, во близина на неговата нива сосем случајно видел наша соученичка која со семејството собирала компири. Таа веднаш притрчала да го замоли да не дозволи тоа да се дознае меѓу соучениците. Тоа беше резултатот на испервертираните вредности на еден образовен систем, кој направи сите да се срамиме од земјоделската работа, од работата воопшто.

Доколку денес го анализирам мојот наставник, не би рекол дека беше конзервативец во права политичка смисла, туку беше она што Американците го нарекуваат старомоден либерал, прототип на модерниот конзервативец денес.

Ли Едвардс, во светот на егоизмот на модерниот човек, хистеричниот оптимизам и војната која се води против супстанциите, дефинирал дека меѓу основните принципи на конзервативизмот се: цврста верба во ограничена уставна влада; убедувањето дека слободата произведува просперитет; перспективи, и граѓанско општество; и верување во светите морални принципи.

И уште една лекција од добриот наставник, кој живееше од плодовите на земјата, која не можам да ја заборавам е за Џорџ Вашингтон, кому му се восхитуваше зашто по истекот на вториот политички мандат, кога му бил понуден и трет, тој го одбил велејќи дека е земјоделец и дека се враќа на својот ранч да ја работи својата земја. Тоа е можеби една од поважните лекции за Балканот каде што се негуваат култови на личности на политички водачи.

Се надевам дека денес мојот наставник е во добро здравје и дека ужива во своите пензионерски денови, неговите поуки ќе ги паметам до крајот на животот.

Објавено во „Дневник“ 23.06.2009 г.

Mucha_A.jpg

Labels:

Татко на човекот

„Животот е можност - искуси ја. Животот е убавина - воодушевувај и се. Животот е сон - направи го јаве. Животот е предизвик - соочи се со него. Животот е задача - извршувај ја. Животот е игра - играј се. Животот е драгоцен - негувај го. Животот е богатство - чувај го. Животот е љубов - уживај во неа. Животот е тајна - проникни ја. Животот е ветување - исполни го. Животот е тага - надмина ја. Животот е химна - пеј ја. Животот е борба - прифати ја. Животот е трагедија - соочи се со неа. Животот е авантура - осмели се. Животот е среќа - заслужи ја. Животот е живот - брани го!“ - Мајка Тереза.

Mucha_D.jpg

A. Mucha

Ќе ви кажат дека тоа единствено ние го правиме како држава, дека не го прави никој друг, можеби уште некои заостанати, но тие лажат. Не станува збор за забрана на абортусот, туку стимулирање на донесување на најприродната одлука во животот без страв.

Со сите сили го браниме стариот поредок, на беззаконие и неможност за носење на било какви важни одлуки за самите нас. Прашање на живот и смрт на една нација. Секој окупатор кој ставил нога овде, се грижел да бидеме доволно на број, да има доволно робови да му служат. Денес кога некогашните робови, имаат своја држава неопходно е да изготват стратегија за популациска политика.

Денес сме ставени во позиција да чувствуваме срам и страв да го штитиме животот, да ги храбриме младите да не се плашат од обврските кон мајчинството и татковството, за да не бидеме погрешно сфатени и прогласени за бесчувствителни кон правото на секого да одлучува за своето тело. Јас велам доста со таа стигма, доста се чувствуваме како криминалци ако во жената гледаме успешна мајка и кога таа не е подготвена за тоа. Јас велам да им се помогне на младите родители да се школуваат полесно, да домуваат, и да остварат кариера за која се достојни.

Проблем со наталитетот има модерна Европа кон која се стремиме. Германскиот научник Штефан Кренерт во една пригода ќе изјави дека: Денес важи колку повеќе жени се вработени во една земја, толку е поголем бројот на новородени деца. Земјите што успеваат да ги спојат кариерата и родителството, и тоа за двајцата родители, имаат најголем наталитет. Тука, пред се, спаѓаат скандинавските земји и Франција. Тоа го потврдува и истражувањето на Еуростат од 2007 г. дека во 2005 г. Франција е водечка земја со 1.92 отсто. Друг пример е Ирска, која после серија владини мерки со поддршка на католичката црква за 4 години успеа значително да ја зголеми популацијата. Тие, според даблинскиот економист Еуанан Кинг, ќе придонесат за економска ренесанса. Многумина ќе противречат дека за зголемен наталитет единствено е важен стандардот. Од истите резултати Словенија, иако економски најразвиена од некогашните земји од исток, има најнизок наталитет. Во соседна Бугарија, независно од тоа што во Владата седат реформирани комунисти се донесоа мерки што во 2006 г. донесоа пораст, бугарите дури отидоа понатаму, залагајќи се за воведување на пензии за бабите и дедовците кои чуваат внуци. Во САД веќе години наназад постои активно про-живот движење кое тврди дека животот е биолошки факт и дека најпрвин почнува како КОНЦЕПТ и дека тоа не е религиозно или филозофско верување, туку научен факт.

За мене лично подеднакво е важно жените кои раѓаат да добијат повеќе бенефиции но пред се, да бидат заштитени од уцените на нивните шефови или претприемачи кои на младите девојки им напоменуваат дека не очекуваат од нив да забременат. Покрај жените, породилно отсуство е неопходно да добијат и мажите бидејќи во грижата на детето подеднакво учествуваат двајца родители.

Во 2007 година, во Берлин и Кан филмот насловен: ‘4 Месеци 3 Недели 2 Дена’, на младиот романски режисер Кристијан Мунгуи беше убедливо прогласен за најдобар европски филм. Дејството во филмот е сместено во 80тите, при крајот од владеењето на Чаушеску. Општо познато е дека тој донел декрет за раѓање на пет деца и го забранил абортусот. Во филмот, во документаристички стил, се прикажани маките на две студентки, другарка и бремена девојка, кои се обидуваат да абортираат илегално.

Приказната навидум изгледа класично либерална но е болно реалистична особено во однос на нашите услови во кои исклучително интелектуално напредни жени се соочуваат со типични постсоцијалистички услови, но иако се чини е лишена од било какви нападни и експлицитни пораки, раскажана е со единствено можен начин да се дофатат таквите приказни - емоционално. Имено, абортусот треба да го изврши сомнителниот надри-лекар иронично наречен мистер Бебе. Двете девојки доживуваат разни непријатности и понижувања, голема морална деградација и загуба на дел од себе, дел во најсуштинската смисла на идентитетот. Како секој убиец, девојките чувствуваат дека убиле и дел од себе.

Создавањето на животот е фасцинантно. Секој треба да биде слободен да го почувствува. Како маж секогаш сум чувствувал должност кон штитење на идејата дека детето е личност уште пред да се роди и дека некое од тие неродени деца ќе биде нашиот татко.

Како што пее Калил Џибран: Вашите деца не се ваши деца. Тие доаѓаат низ вас, но не и од вас. И покрај тоа што се со вас, не ви припаѓаат вам. Може да им дадете љубов, но не и своите мисли, оти тие имаат сопствени мисли.

Објавено во „Дневник“ 16.06.2009 г.

img_big.jpg

Labels:

Архитект на хаосот

Во расказот „Куќа со мезанин“ (1896 г.) од Чехов, селската лекарка резигнирано констатира дека животот на девојката што умрела на породување би бил спасен кога би имале модерна амбуланта, и дека сиот мрак во селото се должи на доцнењето на модернизацијата. Нараторот на тоа реплицира: „Не е важно тоа што Ана умре на породување, туку тоа што Ана, Мавра, Пелагија од утро до мрак ја свиткуваат кичмата и болуваат од претерана работа, цел свој век треперат над гладните и болни деца, цел живот се плашат од смрт и болест, цел живот се лекуваат, рано овенуваат, рано остаруваат и умираат во нечистотија и смрдеа; а нивните деца, штом потпораснат, почнуваат иста песна, и така поминуваат стотици години, и милијарди луѓе живеат полошо од животни...сето тоа поради парче леб, чувствувајќи голем страв. Целата страотност на нивната положба е во тоа што немаат време да размислуваат за својата душа, немаат кога да се сетат на својот лик и облик: глад, студ, животински страв, претерана работа, со снежни наноси им е заграден патот до духовната дејност, токму по она со што човек се разликува од животните, поради што единствено е вредно да се живее...“

Тезата на Чехов е мошне индикативна, особено за македонските интелектуалци, и нивниот ангажман се заснова и завршува на паролата: Повеќе школи, библиотеки и болници... мантра која ја повторуваат пред секоја реформа за развој, културно и духовно издигнување, токму тие, кои само гравитираат околу култот на науката, но не се просветлени и се' уште ништо вредно во цивилизациски рамки не придонеле. За одгледување на таквите марксистички воспитани филозофи, луѓето од нивната класа морале да работат неколкукратно повеќе. Не мора да им враќаат, но нека не го убиваат Бог во нив со диверзии против изградбата на духот, во време во кое колективната свест и моралот на луѓето, и покрај забрзаниот технолошки развој, се' уште се дистанцирани од несреќните, сиромашните, осакатените, оние на кои модерниот материјалист не може да им помогне.

За мене е несфатливо да се брани изгледот на сегашниот скопски плоштад кој се чини досега единствено можеше да се збратими по естетика со Архангелск, Курск и слични гратчиња од заспаните руски провинциски чеховски степи каде што плоштадите во текот на советскиот режим намерно биле соголувани и градени без ниеден значаен објект, макар и дрвце, се' со единствена цел да се спречи евентуалната можност да се изврши атентат на некој црвен Бољар за време на неговиот 6 часовен говор. Оние кои се против изградбата на црква и споменици испраќаат една колонијалистичка порака (тоа е рефлекс на естаблишмент навикнат да биде негуван од колонијалистичка рака, секако во извесна смисла таа повеќе денес е имагинарна. раката ја нема, но рефлексот постои): граѓаните немаат право на објекти што одразуваат цивилизациски развој, немаат право на висока естетска градба, на ништо што евентуално би симболизирало возвишеност, победа или величественост на духот на народите кои живеат во оваа држава. Според нив пожелно е да бидеме сведени на анимални навики, да се давиме во малодушност и дефетизам пред сублимни пораки во бомбастичните наслови. Дозволуваме оние стари гангрениозни архитекти на хаосот (кои не беа ампутирани уште во 90-тите, кога го промашија историскиот миг) на секое спомнување на црква, но и судска палата, театар, спортска сала, библиотека, болница, скулптури, или кој било објект надвор од нивните конструкции, секојдневно да ни го понижуваат и навредуваат достоинството. Да, тие што мислат дека го штитат секуларниот поредок, а всушност го чуваат статус-квото, заостанатоста, летот во место.

И на крај, за естетиката на убавината и потрагата по неа, и во градбите на Вангел Божиновски, и во археолошките постигнувања на Паско Кузман, ќе ја цитирам писателката и прв женски академик во француската академија Маргерит Јурсенар од „Мемоарите на Хадријан“ (1951): „Мојот идеал беше заклучен во зборот убавина, толку тежок да се дефинира и покрај сите сведоштва од страна на сетилата и очите. Сакав градовите да бидат достојни за восхит, пространи и напојувани со бистра вода, населени со луѓе чии тела не се деградирани ни од лузните на сиромаштијата, ни од ропството, ни од надменоста на простачкото богатство: учениците да ги читаат точно лекциите што нема да бидат со беден дух; дома жените да имаат еден вид мајчинско достоинство во своите движења и добро да се одмораат; вежбалниците да бидат посетувани од млади луѓе на кои им се добредојдени игрите и уметностите; овоштарниците да обилуваат со најубави плодови, а полињата со најштедри реколти. Сакав беспределната грандиозност на римскиот мир да допре до сите, непоколеблив и сушт како музиката на небесното пулсирање; најсиромашниот патник да може да талка од една земја до друга, од еден континент до друг, без понижувачки формалности, без опасности, насекаде сигурен во минимум законитост и култура; нашите војници да го продолжат вечно својот воен танц на границите; и работилниците и храмовите да функционираат без пречки; морето да го браздат убави бродови, а по патиштата често да минуваат запреги; и филозофите и танчерите да имаат свое место во еден добро уреден свет. Тој идеал, во целост умерен, ќе беше често достапен ако луѓето му посветуваа еден дел од енергијата што ја трошат за срамни и безмилосни дејства...“
hell_by_Shimp.jpg

Labels: